Движењето на граѓаните на Водно во близина на гасоводната делница Скопје – Гостивар ќе биде регулирано и тоа во сигурносен појас од 100 метри од двете страни на цевката, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК) пренесувајќи ја информацијата од фирмата „Рапид билд“ ДОО.

Регулираното движење во близина на гасоводната делница Скопје - Гостивар, во сигурносен појас од 100 метри од двете страни на цевката, како што велат од ЦУК е поради пневматско испитување на цврстината и непропусност на магистралниот гасовод во три последователни временски интервали во периодот од 30 мај до 22 јуни 2024 година.

-Првиот интервал, од 30 мај до 12 јуни е на делницата од црквата „Света Мина“ во Сопиште до полициска станица Глумово. Вториот интервал е од 7 до 16 јуни на делницата од полициска станица Глумово до селото Паничари во општина Сарај, а третиот интервал од 12 до 22 јуни на делницата од селото Паничари во општина Сарај до пред село Ларце во општина Желино, се наведува во соопштението.

Во известувањето до ЦУК се наведува дека во согласност со законските регулативи и одобрената процедура за работа од инвеститорот и надзорот на проектот за изградба на магистрален гасовод Скопје – Гостивар, за време на изведување на испитувањето на цврстина и непропустност, пристапот на неовластени лица во сигурносен појас од 100 метри од двете страни на цевката е ограничен.

Од Центарот за управување со кризи велат дека пристапот на Водно не е забранет, но нагласуваат да се внимава на зоните кои се обележани со знаци за предупредување кои се поставени на самите планинарски патеки со дополнително врзани обележувачки ленти преку патеките. На патеките кои минуваат преку зоните на испитување, од ЦУК велат дека фирмата треба да постави и лица за известување и предупредување.

Од страна на ЦУК дополнително се информирани МВР, ДЗС, ЈП Национални Шуми, ЈП за стопанисување со пасишта, Град Скопје и општините Сопиште, Карпош, Сарај, Желино, Тетово, Брвеница и Гостивар



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2024 18:48