Претседателот на Србија и член на Претседателството на СНС, Александар Вучиќ, во обраќањето од изборниот штаб на напредњаците, заедно со коалиционите партнери СПС со Ивица Дачиќ, Заветници и други, прогласи победа на СНС на локалните избори и порача дека „СНС влегува во нова ера и дека имаат отворен мандат за се што побарале од народот“, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ во обраќање од изборниот штаб на СНС, по гласањето на локалните избори, изјави дека во Белград нивната изборна листа од вкупно 110 ќе има 63 мандати.
Тој истакна дека голема победа е забележана и во Нови Сад.
-Во Белград ќе имаме 63 одборнички места, нашата листа има 52 отсто од гласовите од оние што излегоа, тоа е неверојатна победа, убедлива победа и во Нови Сад, 45 места, речиси 53 отсто од гласовите, изјави Вучиќ.
Што се однесува до резултатите во белградските општини, Вучиќ рече дека во две се интересни резултатите, додека во другите 15 општини имаат мнозинство.
„Она што е важно е да им честитаме на политичките противници за големиот број гласови во одредени локални самоуправи“, додаде Вучиќ.
-Во Ниш, како што очекувавме, беше најтешко, ќе биде 32-29, но за во Ниш имам предлог да разговараме и да видиме како и на кој начин може да се решат проблемите во иднина, бидејќи една група граѓани освои 23 проценти, тоа е огромен број гласови и тоа не смееме да го потцениме, рече Вучиќ.
Тој ги наведе и успесите во Војводина, каде во Суботица СНС освоила речиси 50 проценти, „а секаде од Кикинда, Сомбор, Сремска Митровица се освоени над 63, 64 проценти на гласови“.
Во врска со настаните околу Кол центрите на Новосадски саем и во Белград , тој кажа дека било тажно да се гледаат овие напади.
-Само сакам сите луѓе во Србија да знаат дека не само што е ова е дозволено, туку и пожелно е да постојат во сите нормални и цивилизирани земји, да се борите за секој глас, да ги повикате вашите гласачи да излезат, да обезбедете поголема излезност. Нема ниту една земја во светот каде тоа не се прави. Тоа го прават и нашите противници. Единственото прашање што може да се постави овде е дали сме платиле закупнина на просториите и закупнина на телефонски линии. Ако не, тоа е срамно за нас, рече Вучиќ