По локалните избори во Србија и големата победа на СНС, најнеизвесен исход од гласањето е во градот Ниш, каде според прелиминарните резултати на Цесид и Ипсос, СНС не однесе победа и има освено 29 одборници од потребните 31, а според ГИК освоила 30 пратеници, јави дописникот на МИА од Белград.
ГИК на Ниш денес соопшти дека, според првичните изборни резултати, листата „Александар Вучиќ - Ниш утре“ добила 30 мандати во градскиот парламент, листата на Руската странка еден мандат, а сите листи на опозицијата вкупно 30. По соопштување на овие резултати, одборникот на Руската странка реши да се приклучи на коалицијата на СНС-СПС во овој град, со што напредњаците со 31 одборник во Ниш прогласија победа.
Откако Градската изборна комисија (ГИК) во Ниш и додели нов мандат на СНС, претставници на коалицијата „Го бираме Ниш - Ѓорѓе Станковиќ“ поднесоа барање за увид во изборниот материјал за одборници на градот Ниш.
Пред просториите на ГИК во Ниш се и претставници на опозицијата, а таму пристигнала и полиција. Најавија дека следните чекори ќе ги објават дури откако ќе добијат увид во гласачките материјали.
Според информациите на Нова.рс, во Ниш се очекува доаѓање и на опозициските лидери, меѓу кои е и претседателот Мирослав Алексиќ од Народното движење на Србија.
Потпретседателот на Демократската партија (ДС), Срѓан Миливојевиќ, изјави дека победата во Ниш „ќе мора да се брани на улица“.
-Се чини дека Александар Вучиќ ја повикува цела Србија да ја одбрани победата на опозицијата во Ниш. Ќе мора победата на слободата да ја браниме на улиците на Ниш, напиша Миливојевиќ на социјалната мрежа Х.
Саво Манојловиќ од движењето Крени-промени изјави дека опозицијата победила во Ниш и во Нов Белград и дека власта ги „штелува“ резултатите од изборите.
-Властите се обидуваат да ја украдат победата на граѓаните во Ниш и Нов Белград. Крени-промени е подготвен да ја брани волјата на граѓаните. Ќе ги поддржиме понатамошните чекори на д-р Милиќ и другите опозициски листи во Ниш, меѓу кои е и нишката екипа Крени-промени. Го чекаме местото и времето. И се за Ниш. Ќе јавувиме и за Нов Белград, напиша Саво Манојловиќ на социјалната мрежа Х.
Копретседателот на Зелено-левиот фронт, Радомир Лазовиќ, денеска изјави дека претставниците на таа партија во Ниш ќе се борат заедно со граѓаните за зачувување на изборната волја изразена на локалните избори во недела - за промената навистина да започне од југ.