Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека од ОДИХР ќе побара дополнителни објаснувања за дел од нивниот извештај за локалните избори во однос на медиумското покривање, јави Бета.

Гостувајќи на ТВ Прва Брнабиќ кажа дека ОДИХР е критичен кога станува збор за застапеноста на власта во медиумите и оцени дека РТС не бил наклонет на владејачкото мнозинство туку на опозицијата.

-Јавниот сервис беше нагласено наклонет кон опозициските партии. Не е во ред во дебатна емисија на РТС односот на силите да е три спрема еден и опозицијата да има 45 минути, а нашиот претставник 15, изјави Брнабиќ, пренесе белградската агенција.

Првиот човек на Набљудувачката мисија на ОДИХР во Србија, Ламберто Заниер, вчера кажа дека за време на предизборната кампања за локалните избори е забележано „селективно медиумско известување“ и дека медиумите на јавниот сервис првенствено биле фокусирани кон претседателот Александар Вучиќ, владата и владејачките партии.

-На опозицијата и дадоа пристап до медиумите само во последните десет дена пред изборите. Националните приватни даватели на медиумски услуги во голема мера ги фаворизираа јавните функционери и владејачките партии, додека од друга страна ја маргинализираа и често во негативно светло известуваа за опозицијата, рече Заниер.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/06/2024 18:02