Пазарот на паметни телефони со преклоп бележи брз раст во целокупниот пазар на телефони, така што „Епл“ (Apple) не може да остане надвор од овој тренд. Според порталот „Трендфорс“ (TrendForce), технолошкиот гигант за 2027 година го планира својот „Ајфон“ со преклоп.
За разлика од „Самсунг“, на пр. „Епл“ не сака екранот на идниот „Ајфон фолд“ (iPhone Fold) да има никакви набори. Неофицијално, веројатно се работи за софистициран механизам со преклопување што би бил функционален повеќе години. Познавачите велат дека „Епл“ сè уште „ги проценува спецификациите и перформансите на компонентите“ за првиот паметен „Ајфон фолд“, што би можело да потрае некое време. Ако овој уред навистина се планира за 2027 година, тогаш интензивниот развој на уредот најверојатно ќе почне следнава 2025 година.
Кинески „Хуавеј“, во меѓувреме, стана најпродаваниот бренд на телефони со преклопување во првото тримесечје од годинава, престигнувајќи го јужнокорејскиот бренд „Самсунг“.
Сепак второпласираниот би можел и да се врати на престолот по претставувањето на претстојните модели „Галакси Зет фолд-6“ и „Зет флип-6“ што пристигнуваат следниот месец. Има и уште еден пресврт. „Хуавеј“ наводно го подготвува првиот паметен телефон со троен преклоп за третото тримесечје од оваа година, па така, во тој период меѓу јули и септември - повторно „да му ја преземе славата“ на „Самсунг“.