РИК ги објави прелиминарните резултати од изборите во сите 17 белградски општини, а во Ниш опозицијата на прес конференција прогласи победа на изборите, јави дописникот на МИА од Белград.
Според прелиминарните резултати за 17 белградски општини објавени од страна на Републичката изборна комисија (РИК) на својата веб-страница, СНС победи во сите белградски општини меѓу кои и во Нови Белград и Земун, опозицијата победи во општините Стари Град и Врачар, додека во општините Савски Венац и СНС и опозицијата во зависност од коалицирањето со помалите партии имаат шанси да ја освојат власта.
Градската изборна комисија (ГИК) на Белград позитивно одговори на барањето на Саво Манојловиќ, кандидат за градоначалник на Белград од движењето „Крени-промени“ да се пребројат по случаен избор пет отсто од гласовите од изборниот материјал во Белград.
Во Ниш и денес продолжи увидот на опозицијата предводена од коалицијата „Го бираме Ниш“ и „Др. Драган Милиќ“ во изборниот материјал, поради „основано сомнение“ дека е нарушена изборната волја на гласачите во тој град.
- Најмасовни неправилности се оние кои се однесуваат на гласање или наводното гласање надвор од домот, каде што потврдите на избирачките одбори дека излегле на терен не постојат или не се потпишани од гласачите или потписот на претседателот на Избирачкиот одбор е ист како и потписот на гласачот. Исто така, некои вреќи со гласачки ливчиња не се затворени, а доста неважечки ливчиња се броени како да се валидни, изјави Ана Ераковиќ од „Го бираме Ниш.
Во меѓувреме претставници на нишката опозиција во која се групата граѓани „Д-р Драган Милиќ, коалицијата „Го бираме Ниш“, движењето „Крени-промени“ и коалицијата „Обединети – надеж за Ниш“ прогласија победа и потенцираа дека резултатите од изборите „јасно покажуваат дека нема да има протести или нови избори“.
Доктор Драган Милиќ, носител на истоимената избирачка листа, рече дека никој во градот не негира дека опозицијата има 3.332 гласа повеќе од актуелната власт.
- Ги признаваме резултатите што Градската изборна комисија ги објави рано наутро. Не признаваме се друго што се случи потоа. Одиме натаму, не можам да кажам до победа, бидејќи веќе победивме, но до верификување и потврдување на победата, изјави Милиќ.
За изјавите дека во Ниш нема да се формира власт, и дека ќе има ќе има нови избори, Милиќ рече дека можат да се организираат избори колку што сакаат, но без опозицијата.