Косовската полиција денеска во градот Урошевац уапсила две лица за кои, според оперативните сознанија на Косовската агенција за разузнавање (АКИ), постои сомневање дека вршеле шпионажа во корист на Србија, објавија неколку косовски медиуми.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, медиумите наведуваат дека станува збор за косовски Албанци кои соработувале со Безбедносно-информативната агенција на Србија – БИА.
Извори од косовската полиција изјавија за медиумите дека уапсените работеле за структури на српската разузнавачка служба внатре во Косово.
Повеќето медиуми ги објавуваат иницијалите на уапсените - Б.Ш. и М.К., додека порталот „Папараци“, го открива и нивниот идентитет и наведува дека се работи за лицата Бедри Шабани и Мухарем Ќерими.
Акцијата водена од Управата за тешки злосторства при косовската полиција продолжува со претреси во имотите на осомничените, наведуваат медиумите.
Порталот „Газета експрес“ тврди дека едниот од упасените (не наведувајќи кој од двајцата) бил царински службеник во периодот 1990-99 година, додека по војната продолжил да ја врши функцијата цариник во времето на администрацијата на Мисијата на Обединетите нации во Косово, УНМИК.
Од полицијата сé уште нема официјална потврда на акцијата и апсењето.