Познатиот кипарски јутјубер и инфлуенсер Фидиас Панајоту, кој на европските избори во Република Кипар учествуваше како независен кандидат освои 19,4 отсто од гласовите и е на третата позиција со што обезбеди место во Европскиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за 24-годишен јутјубер, инфлуенсер, тик-токер и слично, познат под името Фидиас особено популарен на Кипар и без никакво искуство во политиката, а според официјалните резултати, освои 71.330 гласови, 20.000 помалку од првата партија ДИСИ и 7.800 помалку од втората АКЕЛ.

Централно-десничарската ДИСИ победи со 24,8 проценти од гласовите, а комунистичката АКЕЛ доби 21,5 проценти.

На европските избори, Република Кипар одбира вкупно шест претставници во Европскиот Парламент.

ДИСИ доби двајца европратеници, а по еден претставник ќе имаат АКЕЛ, ултранационалистичката ЕЛАМ, Демократската партија, а место обезбеди и јутјуберот.

По соопштувањето на резултатите Фидиас рече дека ни тој не може да поверува дека доби речиси 20 отсто од гласовите, потенцирајќи дека е шокиран.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2024 14:26