Шефот на Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), Џовани Пјетро Барбано, вели дека нападот во Бањска, кај Звечан, во северно Косоово, во септември минатата година, ја докажал кревкоста и ранливоста на тој регион и повика на прекин на тензиите и кризите.

Во интервју за новинската агенција КосоваПрес, Барбано рече дека ЕУЛЕКС будно ја следи безбедносната ситуација, со цел да спречи можно ново насилство на косовскиот север, населен со мнозинско српско население.

- Бањска ја докажа кревкоста и ранливоста на тој простор. Затоа, таа област бара посебно внимание. Ние сме будни за да спречиме какво било можно враќање на насилството, рече Барбано.

На 24 септември минатата година, вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска, при што беше убиен наредникот Африм Буњаку.

Во размената на оган што уследи загинаа и тројца од напаѓачите.

Косово смета дека Србија е одговорна за организацијата и извршувањето на нападот, додека Белград негира било каква вмешаност.

Шефот на ЕУЛЕКС ја повика Србија да направи сé што е можно за да спречи повторување на каква било ситуација како онаа во Бањска.

- Очекуваме Србија да ја искористи моќта што ја има да бара одговорност од оние што го извршија нападот, изјави Барбано.

Одговорноста за нападот во Бањска ја презеде поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ.

Иако против него е распишана меѓународна потерница од ИНТЕРПОЛ, тој е на слобода во Србија.

Шефот на ЕУЛЕКС изјави дека мисијата што тој ја предводи го зголемила нивото на будност за да се спречи повторување на каква било криза и дека знае оти Косово ги зајакнало присуството и капацитетите долж границата со Србија.

- Ако нешто се повтори, тогаш тоа би значело дека, најверојатно, институциите во Србија не успеале да спречат напад, вели Барбано.

Косовската полиција е првата институција одговорна за безбедноста на Косово, ЕУЛЕКС втора, додека мисијата на НАТО во Косово, КФОР, трета.

Барбано ги повика Косово и Србија да се вклучат во бриселскиот дијалог и да ги решат сите прашања преку тој канал.

Србија не ја признава независноста на Косово и постојано е ангажирана во кампањи за лобирање против Косово.

Двете земји се во дијалог во Брисел за нормализација на односите од 2011 година.

Страните имаат потпишано голем број договори, но не сите се спроведени



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2024 14:55