Интернет-пребарувачот за изнајмување сместувачки капацитети, „Холид“, користејќи ги податоците од апликацијата „Ворлд ведер онлајн“, ги анализираше најврнежливите градови во Европа.
Така, вториот по големина град во Норвешка - Берген, со просек од 12,7 врнежливи денови месечно и 8,8 милиметри врнежи дневно, е најврнежливиот град во Европа. Но, Норвежаните не се плашат од дожд... Тие, всушност, не го гледаат тоа како лошо време, туку велат дека има само „лошо облечени луѓе“, пренесува хрватскиот портал „Пункуфер“. Напротив, тамошните власти ги охрабруваат сите заинтересирани да го посетат Берген, без разлика на временската прогноза - поради прекрасните паркови, музеи, галерии, но и фјордовите во близина.
Зошто толку многу дожд во Берген? Градот има специфична географска местоположба. Се наоѓа на југозападниот дел на Норвешка, на брегот на Северното Море и е опкружен со седум планини. Сѐ тоа го прави местото подложно на долги и обилни врнежи.
Најдолгото континуирано дождливо време во Берген е забележано на крајот на 2006. и почетокот на 2007 година. Тогаш врнело дожд 85 дена по ред - од 29 октомври до 21 јануари.
Најдолга сезона на дождови во Берген во летните месеци е забележана во 1952 година, кога дождот паѓал непрекинато од 1 до 24 јуни. Инаку, во овој скандинавски град, најмалку дожд има обично во јуни, а најмногу во октомври. Просечната температура налето се движи од 9,9 до 20,7 Целзиусови степени - со тоа што јули е најтоплиот месец.
Во текот на зимата вообичаено има силен ветер, некаде снег и просечни температури од -4,9 до -0,1 Целзиусов степен. Ако имате можност да го посетите Берген, советот вели: искористете ја. Но, не заборавајте да понесете чадор