Поранешниот претседател на Хрватска, Стипе Месиќ изјави дека архитектурата на границите во регионот е завршена со прогласувањето на независноста на Република Косово, но дека „сé уште постојат закани и опасности од таканаречените мегадржавни проекти“.
Месиќ, на свечената седница на Собранието на Косово по повод 25-годишнината од ослободувањето, рече дека „Европската унија е заеднички дом на регионот, а НАТО заеднички безбедносен и економски чадор“.
- Токму ова го нагласувам тука, во Приштина, во Република Косово, одбележувајќи 25 години од ослободувањето на Косово, пред сè благодарение на Ослободителната војска на Косово, со помош на меѓународната заедница, особено НАТО Алијансата и САД, изјави Месиќ.
Иако се сметаше дека најтешките времиња поминале, додаде тој, сè уште има потреба од акција и присуство на меѓународната заедница во регионот, не само во Косово, туку и во Босна и Херцеговина.
- Мораме секогаш да бидеме подготвени да се соочиме со многу предизвици, всушност стари предизвици кои се редизајнирани. Слободно можам да кажам дека граничната архитектура во регионот беше заокружена со прогласувањето на независноста на Република Косово. За жал, сé уште постојат закани и опасности од таканаречените мегадржавни проекти. Мирот и стабилноста треба да бидат наши светилишта кои треба да обезбедат просперитет на сите нас. Најдобар одговор на сите предизвици и закани е евроатлантската перспектива, порача Месиќ