Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај предупреди дека Србија и нејзините сојузници ги мобилизирале нивните дипломатски и медиумски капацитети за, како што рече, „да ја оцрнат праведната борба на Албанците“ во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешниот говор на свечената седница на косовското Собрание по повод 25-годишнината од Денот на ослободувањето на Косово, Бегај порача дека Албанците, наспроти таквата српска пропаганда, мораат да се обединат.
- Во време кога Србија и нејзините сојузници ги мобилизираа дипломатските и медиумските капацитети за да ја оцрнат праведната борба на Албанците, потребно ни е повеќе од кога било да бидеме заедно, за да ја изразиме нашата национална гордост, рече Бегај.
Претседателот на Албанија во неговото обраќање ги спомена поранешниот косовски претседател, Ибрахим Ругова, косовскиот деец и активист за човекови права, Адем Демачи и поранешниот командант и основач на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Адем Јашари, како истакнати личности со голем придонес за независноста на Косово.
- На ваква света годишнина се поклонуваме пред мачениците и истакнатите личности кои со својот живот и дело за независноста на Косово оставија неизбришлива трага во историјата. Денеска му оддаваме почести на Ругова, архитектот на независноста и симболот на мирот кој го решаваше прашањето за Косово во сите западни канцеларии, го чествуваме Адем Демачи, опстојниот деец на националното прашање, се поклонуваме пред семејството Јашари, семејството симбол на Косово, го чествуваме големиот херој, Адем Јашари. Такви мажи ретко раѓа историјата. Да ги споменеме сите борци на ОВК. Слободата не е подарок, таа мора да се брани, изјави албанскиот претседател.
Бегај им одаде почит и на Албанците од Северна Македонија, Албанија и Црна Гора кои се приклучија на борбата на ОВК.