Косовскиот премиер Албин Курти оцени дека ослободувањето и пожртвуваноста на многу генерации за независноста на Косово вредеа, затоа што земјата денес е поразвиена од кога било досега, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во воведното обраќање на денешната седница на Владата, Курти истакна дека економијата на Косово продолжува да расте, а државата станува сé понезависна и поразвиена.
- Економијата на нашата земја годинава ќе биде пет и пол пати поголема одошто во 2000 година. По неполни 25 години економијата порасна пет и пол пати. Во споредба со годината кога беше прогласена независноста (2008), бруто домашниот производ ќе биде речиси три пати поголем. Споредено со пред четири години, годинава имаме 50 отсто поголем бруто-домашен производ, рече Курти.
Според него, „граѓаните се послободни, државата е понезависна и поразвиена од кога било досега, демократијата е сé поздрава, а владеењето сé подобро и подобро“.
- Ослободувањето, сенародната жртва низ генерации, независноста, вредат денес, и на економски и на демократски план. Нашата работа продолжува, рече Курти, изразувајќи им благодарност и почести „nа сите кои паднаа за слобода на долгиот и тежок пат до ослободувањето“.
На почетокот на денешната владина седница, честитајќи им на членовите на кабинетот за „четврт век слобода“, Курти им се заблагодари на институциите кои се погрижија за организацијата на прославата на Денот на ослободувањето. Со повеќе активности вчера беше одбележана 25-годишнината од ослободувањето на Косово, а прославата на јубилејот ќе продолжи со уште неколку настани и во наредните денови.