Во 15 часот по локално време, термометарот во центарот на Атина, покажуваше 41 степен Целзиусов, температура екстремно висока за овој период од годината и највисока во првата половина на јуни во последните најмалку 50 години според грчките метеоролози, јави дописничката на МИА од Атина.

Сликата во центарот на грчката метропола, повеќе потсетува на периодот на карантините за време на пандемијата, отколку на нормален ден на средината на јуни, со оглед на тоа што граѓаните, фреквенцијата ја сведоа речиси на нула.

Исклучок се туристите, кои се најприсутни на плоштадот Синтагма и пред грчкиот парламент.

И покрај високата температура и сонцето, опремени со чадори, капи и шешири ја следеа промената на претседателската гарда пред споменикот на Незнајниот војник.

Припадниците на претседателската гарда, т.н. Евзони, кои без разлика дали температурата е под нулата или над 40 степени Целзиусови, се на нивните места, но овој пат во внатрешноста на нивните куќарки.

Нивен колега, војник се грижи да не дехидрираат и постојано им дава вода.

Туристите од друга страна, иако подготвени за топлотниот бран и „опремени“ со сè она што е потребно за заштита, ја користат дури и фонтаната на плоштадот Синтагма, за да се разладат.

Во централната метростаница, токму на плоштадот Синтагма, од вчера, поради топлотниот бран отворена е специјална климатизирана просторија, за одмор и освежување на граѓаните и туристите.

Поради високите температури, археолошките локалитети во Атина, меѓу кои и Акропол, исто како и вчера, така и денеска во периодот од 12 до 17 часот се затворени, како што соопштија од Министерството за култура на Грција и им препорачаа на посетителите да ги преземат неопходните мерки на заштита за да избегнат здравствени проблеми како топлотна исцрпеност и топлотен удар.

Сања Ристовска



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2024 19:24