Претпладнево портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис ќе го соопшти новиот владин состав, како што информираа од Премиерската палата, а владината седница закажана за денеска во 11 часот е одложена, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатите денови сè погласни беа сценаријата дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис планира да направи реконструкција на Владата по европските избори во неделата, а Маринакис и на вчерашниот брифинг со новинарите уште еднаш повтори дека „реконструкцијата е ексклузивна привилегија на премиерот“.

Грчкиот премиер во интервјуто за телевизијата „Алфа“ во вторникот, категорично го отфрли прашањето за предвремени парламентарни избори во земјата, објаснувајќи дека актуелната Влада има „силно мнозинство и силен четиригодишен мандат“, а во однос на сценаријата за реконструкција на Владата во следните денови, Мицотакис посочи дека планираната и закажана владина седница в петок „ќе биде со актуелниот состав“.

Денешната владина седница од вчера беше официјално соопштена од кабинетот на Мицотакис, а утрово информираа дека во тек е реконструкција и се одложува.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/06/2024 13:09