Албанија и официјално е членка на Европскиот центар против хибридни закани во Хелсинки, објави на социјалните мрежи албанскиот премиер Еди Рама.

Тој оценува дека со членството на Албанија се комплетира учеството на сите земји од ЕУ и НАТО во оваа организација, за да се овозможи „унифициран пристап меѓу сојузниците против хибридните закани, дезинформациите, манипулацијата со информации од странски држави".

Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Игли Хасани вчера во Центарот го доставил известувањето до директорката Теија Тииликаинен. Хасани оцени дека „заедно можеме да изградиме побезбедна иднина не само за Албанија, туку и за целиот евроатлантски регион".

- Среќни сме што се придружуваме на Хибридниот СоЕ, кој сега ги вклучува сите сојузници на НАТО и земји-членки на ЕУ. Ова значи многу важен исчекор за Албанија и ние сме подготвени да придонесеме во значајната мисија на Центарот, рече тој.

Во име на Хибридниот СоЕ Тиликаинен, рече дека Албанија ќе му помогне на Центарот да го исполни својот мандат во борбата против хибридните закани.

Европскиот центар за извонредност против хибридни закани е меѓународен и независен центар базиран на мрежа за практичари и експерти со седиште во Хелсинки. Тој тесно соработува со ЕУ и НАТО.

Покрај Албанија, која е 36. членка, во Центарот членуваат Австрија, Белгија, Бугарија, Канада, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Црна Гора, Холандија, Северна Македонија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Турција, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/06/2024 13:30