Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде се спротивстави на дипломатскиот претставник на Соединетите Американски Држави во Белград, Кристофер Хил, кој вчера изјави дека Србија не мора да го признае Косово за да се зачлени во Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во реакцијата на платформата „Х“ по изјавите на амбасадорот Хил, Роде потсети на пораката на германскиот канцелар, Олаф Шолц дека нормализацијата на односите меѓу Приштина и Белград значи взаемно признавање, што е и услов за влез на двете држави во ЕУ.
- Само за потсетување: прочитајте ја јасната изјава на германскиот канцелар Шолц за време на неговата посета на Косово и Србија во јуни 2022 година за нормализација, вклучително и меѓусебно признавање. Ова сè уште стои: Патот е таму: Целосно спроведување на договорите Брисел/Охрид од двете страни што е можно поскоро“, напиша Роде.
Во објавата Роде ја сподели и веста со изјавата на канцеларот Шолц, кој рече дека „е незамисливо две земји кои не се признаваат една со друга да станат членки на ЕУ“.
- Политичкиот договор меѓу двете земји е важен услов за инвестиции и работни места, а со тоа и за перспективата на младите во Косово. Јасно е дека договорот мора конечно да го реши прашањето на признавањето на Косово, бидејќи е незамисливо две земји кои меѓусебно не се признаваат да станат членки на ЕУ, изјави Шолц во 2022 година.