Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, учествуваше на Меѓународната конференција за мир и одржлив раст што се одржа во Атина, од каде порача дека „членството на Западен Балкан во ЕУ, е суштинско за стабилноста на Европа“.
Тој оценил дека интеграцијата на Албанија и на регионот со години остануваат во стагнација и нагласил дека „пристапот, темпото и посветеноста на ЕУ кон овој процес мора да се сменат“.
-Поради погоденото безбедносно опкружување, проширувањето повторно е во центарот на сцената, како критичен стратешки императив кој има важни импликации за стабилноста, просперитетот и единството на Европа во иднина, рекол Хасани, јави АТА.
Според него, интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, ќе отвори нови можности за економски раст.
-Членството во Европската Унија за Албанија и Западен Балкан е од суштинско значење за стабилноста, безбедноста и мирот на регионот и на Европа во целина. Постепените чекори за интеграција, вклучително и Планот за раст, ќе ги отворат вратите на единствениот пазар, катализирајќи го економскиот развој, отворањето работни места и подобрувањата на инфраструктурата, со што ќе се намалат економските разлики во Европа, посочил тој.
Хасани смета дека процесот на интеграција мора да биде ефикасен и убедлив и дека сè што ќе биде помалку би значело враќање на времето и напорот.
-Покажавме што сме способни да направиме за да ги одбраниме нашите принципи и вредности додека претседававме со ОБСЕ и бевме во Советот за безбедност. Ова е причината зошто на проширувањето на ЕУ на Западен Балкан треба да гледаме не само како проширување на границите на Унијата, туку како суштински чекор кон постабилна, просперитетна и кохезивна Европа, подвлекол тој.
Хасани бил дел од панелот „Перспективата на членството на Западен Балкан и неговото значење за иднината на Европа“, заедно со српскиот премиер Милош Вучевиќ, поранешниот македоскиот премиер, Владо Бучковски поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу.