Портфолијата за земјоделство, за конкурентност или одбрана и портфолиото за проширување на Унијата, според грчките медиуми, се на агендата на грчката Влада во пресрет на распределбата на позициите во ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Медиумите во Грција пишуваат дека Владата сака да добие комесар поврзан со развојот и растот на Унијата, меѓутоа една од желбите е и комесар за проширување.

Според весникот „Катимерини“ Атина е заинтересирана и за портфолиото проширување на Унијата поради „нашето соседство, бидејќи постојат многу земји-кандидати за интеграција“.

- Но, како што посочуваат извори запознаени со европската заднина, станува збор за портфолио „со голема конкуренција“, пишува весникот.

Во интервју за грчкото радио „Скај“ на почетокот на месецов и кусо пред европските избори, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека „Грција ќе се стреми да добие важно портфолио“.

Во однос на тоа кои од грчка страна би можеле да бидат кандидати за комесари, во Грција се споменуваат досегашниот комесар Маргаритис Схинас, „Катимерини“, на листата ги става и министрите Јоргос Герапетритис и Ники Керамеос, како и префектот на грчката област централна Македонија Апостолос Ѕиѕикостас, кој го споменува и онлајн изданието на весникот „Прото тема“, заедно со генералниот секретар на ЕПП и близок соработник на грчкиот премиер, Танасис Баколас.

- Во секој случај, премиерот не одлучил кој ќе ја преземе оваа клучна улога, а сликата ќе стане појасна во јули, пишува „Катимерини“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2024 17:08