Посредникот на Европска Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак денеска во Приштина ќе се сретне со првиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции и главен преговарач на Косово, Бесник Бислими, јави дописникот на МИА од Приштина.

Службата за информирање на косовската Влада соопшти дека средбата се очекува да започне во 18 часот.

- Првиот вицепремиер за евроинтеграции, развој и дијалог на Република Косово, Бесник Бислими, е домаќин на средбата со специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, се наведува во соопштението на Владата.

Емисарот на ЕУ деновиве се сретна со новиот српски премиер Милош Вучевиќ, со кого рече дека разговарале за прашањето за дијалог.

Како што објави Лајчак, тие се сретнале во Атина.

– Го информирав (Вучевиќ) за ситуацијата со дијалогот и разговаравме за односите ЕУ-Србија, напиша на социјалната мрежа Икс.

Лајчак пред еден ден изјави дека „не треба да се пропушти новиот моментум за зачленување на земјите од Западен Балкан во Европска Унија“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2024 17:55