Билатералната соработка, интеграцијата на Албанија во Европската унија, случувањата во регионот, спроведувањето на агендата на Берлинскиот процес во Западен Балкан, како и безбедносните и одбранбените прашања беа во фокусот на разговорот меѓу албанскиот претседателот Бајрам Бегај и неговиот домаќин, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, јави АТА.
Во однос на случувањата во регионот, претседателот Бегај рекол дека улогата и посветеноста на Германија остануваат важна и незаменлива за предизвиците со кои се соочува Западен Балкан за да не влијаат или да ја компромитираат евроатлантската иднина.
Во контекст на војната во Украина и влијанието на трети актери, претседателот Бегај оценил дека е потребна „блиска регионална соработка каде европската иднина ќе биде водилка за заедничката иднина во мир, безбедност и просперитет“.
-Берлинскиот процес, останува иновативен и незаменлив механизам за зајакнување на соработката, економската интеграција на регионот и интеграцијата со единствениот европски пазар, како и моќен поттик за процесот на интеграција во ЕУ. Ја потврдувам целосната и континуирана посветеност на Албанија, на оваа иницијатива, и секако ја ценам посветеноста на Германија, посочил Бегај.
Шефот на албанската државата на оваа средба добил целосна поддршка и гаранција дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Албанија на патот кон членство во Европската унија и во оваа прилика на претседателот Штајнмаер му изразил „искрена благодарност за гласната политичка и јавна поддршка, како и помошта дадена во оваа насока“.
Ја пренел својата благодарност до претседателот Штајнмаер за неговиот придонес во зајакнувањето на односите и партнерството меѓу двете земји-сојузници во НАТО кои споделуваат заеднички европски вредности а двајцата претседатели како одлични ги оцениле билатералните односи.
Германскиот претседател Штајнмаер во официјална посета на Албанија престојуваше во декември 2022 година.