Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ денеска се сретна со Мирослав Лајчак, специјален претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања во Западен Балкан, при што ја повтори посветеноста на Белград за продолжување на дијалогот, јави дописникот на МИА од Белград.

Ѓуриќ оцени дека со доаѓањето на Албин Курти на чело на „приштинските институции“ есента 2021 година, положбата на српското и другото неалбанско население драстично се влошила.

-Режимот на Курти континуирано го напаѓа процесот на дијалог под покровителство на Европската Унија и применува репресивни мерки кои водат кон создавање на моноетнички Космет, со што директно се поткопуваат целите на меѓународната заедница, посочи Ѓуриќ, се наведува во соопштението на МНР.

Во него се додава дека шефот на српската дипломатија му пренел на Лајчак дека Белград го поддржува Нацрт-статутот на Заедницата на српските општини подготвен од Европската унија и продолжува да инсистира на целосно спроведување на бриселските договори од 2013 и 2015 година, како и на се што е договорено досега со европско посредништво.

-Државата Србија ќе продолжи, како што истакна Ѓуриќ, да биде посветена на мирот и стабилноста во регионот, како и да прави се што е во нејзина моќ за да ги заштити интересите на својот народ и да ја обезбеди нивната безбедност и опстанок, кои се драматично загрозени поради долгорочните деструктивни дејствија на Приштина, се наведува во соопштенеито на срспкото МНР.

Вечер е најавена средба на Лајчак и со претседателот Александар Вучиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/06/2024 05:47