Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека имал отворен и фер разговор со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во Претседателството на Србија за ситуацијата на Косово и „речиси невозможните услови за живот на српското население предизвикани од постојаниот притисок и самоволието на властите во Приштина“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Повторив дека враќањето на конструктивниот дијалог меѓу Белград и Приштина и нормализацијата на односите е пред се во имплементацијата на Бриселскиот договор, односно во итното формирање на Заедницата на српските општини, соопшти Вучиќ на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“.

Претседателот на Србија истакна дека ЕУ како главен посредник во тој процес имала и ќе има сериозен и одговорен партнер во Србија.

-За нашиот народ во Косово остануваме бескомпромисна поддршка и заштита на нивните огништа и иднина, порача Вучиќ.

Пред оваа средба, шефот на српската дипломатија Иван Ѓуриќ му пренел на Лајчак дека Белград го поддржува Нацрт-статутот на Заедницата на српските општини подготвен од Европската унија и продолжува да инсистира на целосно спроведување на бриселските договори од 2013 и 2015 година, како и на се што е договорено досега со европско посредништво.

-Државата Србија ќе продолжи, како што истакна Ѓуриќ, да биде посветена на мирот и стабилноста во регионот, како и да прави се што е во нејзина моќ за да ги заштити интересите на својот народ и да ја обезбеди нивната безбедност и опстанок, кои се драматично загрозени поради долгорочните деструктивни дејствија на Приштина, се наведува во соопштенеито на српското МНР.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/06/2024 06:07