Полицијата во Лас Вегас, американската сојузна држава Невада, објави на социјалните мрежи дека мистериозен монолит се појавил во пустината за време на викендот. Предметот е сличен на оние што се појавија ширум светот во 2020 година. Тоа повторно покрена лавина прашања за неговото потекло, пишува „Би-би-си њуз“.
Полициска патрола на Лас Вегас ја забележала скулптурата за време на акција за спасување исчезнати лица. На фотографиите објавени од полицијата на социјалните мрежи, монолитот изгледа како да е поставен на карпест терен.
„Како стигна до таму?“, е едно од прашањата на социјалните мрежи.
Монолитот наликува на оној од филмот на Стенли Кјубрик - „2001: Одисеја во вселената“ од 1968 година. Во филмската класика заснована на романот на писателот Артур Кларк, црните монолити се создадени од вонземјаните.
Уште еден монолит во март оваа година се појави на врвот на рид во Велс. Очевидци сведочеа дека скулптурата стоела совршено исправена, но никој не знае кој и кога ја поставил.
Меѓу објаснувањата е и тоа дека станува збор за уметничка инсталација, но никој досега не се огласи како автор.
Пред четири години, слични предмети еден беше во пустината во Јута (САД), па во Калифорнија и Романија во истовреме, а потоа и на британскиот Остров Вајт во Ла Манш.