Косовскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими изјави дека Косово цели кон членство во Обединетите нации, Европска Унија, Советот на Европа и НАТО, јави дописникот на МИА од Приштина.
На приемот организиран од британската амбасада во Косово по повод роденденот на кралот Чарлс Трети, Бислими рече дека верува оти Косово има поддршка од Велика Британија во неговите „аспирации и чекорење напред“.
- Косово е земја која бара членство во ОН, ЕУ, НАТО, Советот на Европа и зајакнување на темелите на демократијата и слободата, граѓанските права и владеењето на правото. Во нашите аспирации и чекорење напред што ни претстои, уверени сме дека, со поддршка на Обединетото Кралство и нашите западни сојузници, ќе ги постигнеме нашите цели, бидејќи нашите дипломатски односи, билатерални посети, соработка и врски јакнат од ден на ден. Подлабока поврзаност во политиката, културата, економијата, безбедноста и многу други области, изјави Бислими, се наведува во денешното соопштение на владината служба за информирање.
Косовскиот вицепремиер вели дека Велика Британија има посебно место „во нашите срца и умови“.
- Во нашето патување кон слободата, Обединетото Кралство отсекогаш беше непоколеблив сојузник – нација која се залага за слободата и демократските вредности, која застана покрај нас во текот на нашата борба за слобода, како и во годините кои уследија на обнова на нашата земја. Минатата недела бевме домаќини на поранешниот премиер Тони Блер, за заедно да одбележиме 25 години од ослободувањето на Косово. Ние многу ја цениме и никогаш нема да ја заборавиме неговата цврста поддршка за време на војната, додаде Бислими.