Речиси шест од десет Грци, односно 58,3 отсто ја оценува „негативно“ или „веројатно негативно“ реконструкцијата на Владата што минатиот петок ја направи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, додека пак оцената на 33,8 проценти од анкетираните е позитивна, согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата ГПО за телевизијата „Стар“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во првата постизборна анкета во Грција, по евроизборите на 9 јуни, нема промена во распоредот на силите на политичката сцена во земјата, Нова демократија е прва со 29,1 отсто, СИРИЗА втора со 13,7 проценти, а ПАСОК на третата позиција со 12,4 отсто.
Со оглед на тоа што на европските избори, излезноста беше 41,39 проценти, на прашањето „Зошто не гласавте?“ до оние кои не го оставариле правото на глас, половина од анкетираните (50,3 отсто) одговориле „од практични причини“, 26,3 проценти сакале да изразат незадоволство од Владата, а 19,7 отсто рекле дека не се идентификувале со ниту една партија или пак не ѝ веруваат.
Истражувањето на јавното мислење од агенцијата „ГПО“ за телевизијата „Стар“, било спроведено од 17 до 19 јуни годинава со анкетирани 1.200 граѓани.