Честа е голема да може да се говори за создавање на нова влада, но уште е поголема обврската поради добиената доверба.

И ова мое обраќaње денес пред вас, исклучиво го гледам низ призмата на запазување и говорење за интересите на граѓаните. Во тоа име овде пред вас го носам гласот на илјадници наши сограѓани кои побараа подобра иднина.

Израснавме во оваа земја. Во нејзините скриени мотиви, приказни, и богата историја, во нејзината сегашност која е создадена со тешка, макотрпна работа и сонувања, земја во која нејзините граѓани во минатото, но и сите граѓани денес, правевте многу, дишевте за неа, работевте за неа.

Тоа не беа само пусти сонувања, туку плод на трудот, и ни оставија огромна одговорност. Во секој чекор, во секоја мисла дојдовме до денешниот ден, подготвени да ги живееме и одново градиме соништата, да биде подобро.

Македонија е нашиот дом, и нашата заедничка тврдина. И секоја поделба треба да ја надминеме со разум и со мудрост. Ниту една наша разлика не е поголема од мотивот да успееме, и тука немам никакви дилеми.

Граѓанинот беше секогаш тука кога беше најпотребно за татковината. Гласаше на референдумот за независност, работеше макотрпно, редовно ги решаваше своите обврски кон неа, плаќаше даноци, работеше, придонесуваше за животот.

Порано, во историјата нашите граѓани имаа и други, но и слични егзистенцијални предизвици, и тогаш како и сега граѓаните беа лојални кон државата и правеа се таа да е слободна, независна, силна и просперитетна.

На тој пат имаше и доста разочарувања и силни предизвици, но граѓанинот на оваа земја опстоја, и гордо и на нозе се понесе со сите случувања.

Време е, доаѓа часот кога татковината треба да направи повеќе за секој еден граѓанин! Секој еден од вас, Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав, Бошњак и сите останати, секој од вас, направи се за својата татковина.

Сега е ред и време, таа, да прави за вас! За тебе! И оној кој живее на северот, југот, западот или истокот во нашата заедничка Татковина.

Во услови на историски предизвици и широко распространето разочарување, граѓаните на недвосмислен начин ја изразија својата голема желба за промени и ни го доверија мандатот да ја насочиме нашата нација кон посветла иднина.

Од она што го дознаваме за состојбите во државата, ситуацијата е рамна на клиничка смрт во повеќе клучни области, девастирана до мера на непрепознатливост каде институциите се доведени пред буквална пропаст и незапаметена нефункционалност. И за се ќе биде известена јавноста, и ова не го говорам дека имам намера да смислувам изговори или да плачеме над лошата состојба, туку дека одлучно ќе одговориме, затоа што оваа генерација нема опција за неуспех и заедно ќе мора да направиме големи чекори напред. И затоа нема да барам никакви 100 дена меден месец, туку најавувам фуриозен почеток на проекти и нови инвестиции веднаш. Впрочем немавме ниту една секунда изминатиов период.

Веќе во вторник најавувам нова инвестиција повеќе од 400 милиони евра, потоа ќе ги намалиме даноците, покачиме пензиите, ќе обебедиме пари за капитални проекти. Доста времето се трошеше на измислени теми, и етнички прашања, време е да се засукаат ракавите решат проблемите и ова да биде влада на економија и развој. Тоа го сакаат сите.

Нашата носечка цел е да ја обновиме довербата во институциите на државна власт, да ја елиминираме корупцијата и да обезбедиме владеење на правото.

Централно место во нашата животна мисија е економското заживување. Ќе започнеме нов силен циклус на економски раст, поттикнат од стабилни јавни финансии. Поддршка за конкурентен приватен сектор и значајни инвестиции во иновациите и во информатичката технологија. Нашата цел е да создадеме продуктивни и добро платени работни места, да ја намалиме невработеноста и да поттикнеме средина каде што бизнисите можат да се развиваат.

Мора да постигнеме раст на БДП до 5% годишно. Ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0%- 2,5% годишно. Намалување на невработеноста до 7,5%. Односно создавање на нови 55 илјади работни места. Ќе ги намалиме даноците. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка. Инвестиции во инфраструктурата од над 2 милијарди евра за 4 години, завршување на автопатот Кичево – Охрид, реконструкција и рехабилитација на железничкиот коридор 10 и набавка на возови, како и 250 милиони евра капитални инвестиции во општините. Ќе работиме на децентрализацијата

Ќе направиме формирање на посебен фонд за врвна наука преку кој ќе фатиме чекор со светските истражувачки центри, обнова и реновирање на училишта, како и зголемување на платите во образованието согласно со Колективниот договор, зголемување на буџетот во образованието, силни инвестиции во здравството и нови болници и многу други работи. И конечно одговорност и фронт против корупцијата, прочешлување на имотот на судиите, обвинителите и функционерите.

Нашата посветеност на европските интеграции останува цврста. Ќе работиме ангажирано на усогласување на нашите политики со европските стандарди, унапредувајќи ја нашата цел за полноправно членство во Европската Унија.

Продолжуваме и понатаму да стоиме заедно со нашите партнери од ЕУ и заедно ќе усогласуваме заедничката надворешна политика со ЕУ. Продолжува и поддршката на Украина да се брани и да го одбрани својот суверенитет и територијален интегритет.

Ќе инвестираме во културата и заштита на културнто наследство. Развојот на спортот е клучен за поттикнување на националната гордост и промовирање на здрав начин на живот. Младите се иднината, а ние сме посветени на создавање средина каде што тие ќе можат да напредуваат.

Грижата за нашите пензионери е приоритет.

Градењето добри односи со нашите соседи е од суштинско значење за регионалната стабилност и просперитет.

Развојот на меѓуетничките односи е фундаментален дел од нашата визија. Прославувајќи ја нашата различност и обезбедувајќи еднакви можности за сите, ќе изградиме посилно и покохезивно општество.

Работата на сите предложени кандидати за јавни функции ќе биде предмет на постојана ревизија и евалуација и ќе има место само за тие со јасна волја, кои се посветени на државата и народот и кон исполнување на програмата, и кои ќе бидат блиски до народот и ќе имаат јасен, морален и професионален компас.

Накусо оние кои ќе бидат луѓе. Јас разбирам дека грешки се возможни, но грешки кои ќе се исправаат затоа што динамиката која ја планирам е пеколна, темпото ке биде силно затоа што народот очекува од нас резултати, одговорноста која ја имаме е огромна. Се работи за нашиот образ. И за нашата чест. Неморал и потфрлања нема да толерирам. Кој нема да може да се носи со тоа не е погрешно ниту грев да каже, или заедно да утврдиме, и да ја промени позицијата или да биде реконструиран од постојната. Ова важи за сите функционери кои ќе бидат именувани од нашата коалиција без разлика од која партија доаѓаат.

Вашата одговорност не е пред вашите партиски штабови, туку, запаметете, вашата одговорност е пред граѓаните, и го штитите Уставот и законите. Ќе барам од секого повеќе од максимумот. Немаме време, треба брзи резултати, треба многу работа, мерки, чекори и проекти, на народот му е потребен квалитетен живот и држава која ќе биде негова! Ве уверувам дека вие и идните генерации ќе бидете горди на овој период од нашата историја.

Сакам да се обратам и до опозицијата. Вие ќе ја имате мојата подадена рака да седнеме и разговараме за сите отворени и важни прашања. Важни прашања за граѓаните. Јас ќе се однесувам со должна почит кон вашите предлози и не очекувајте политички хајки затоа што нема да го трошам времето на тоа што го трошевте вие. Но ќе има одговорност за секој криминал.

Ја барам вашата поддршка да ја менуваме наѓата татковина. Да создадеме услови за подобар живот. Ќе продолжиме напред со гордост и одлучност, обновувајќи ја Македонија која е повторно ваша - каде што транспарентноста и отчетноста не се само идеали, туку реалност.

Со ваша поддршка ќе го направиме ова место, место на просперитет, правда и надеж за сите. Државата да ја вратиме на народот. Македонија повторно горда, за секој еден од вас.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2024 17:56