Претседателот на Србија во денешното обраќање до јавноста рече дека во наредниот период мора да се отвори дијалог за литиумот и на парламентарно и на експертско ниво, каде ќе доминираат аргументите наведувајќи дека сака одлуката за тој проект да ја донесат граѓаните на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ќе разговараме со сите луѓе. Сакам нашето општество во Србија да донесе одлука, а луѓето да ги разгледаат сите аргументи, луѓето да слушнат колку глупости можевме да слушнеме во претходните седум дена, колку невистини, колку лаги, посочи Вучиќ.

Вучиќ истакна дека литиумот припаѓа на критичните минерални суровини, како што е песокот, солта, нафтата и маслото и дека во иднина ќе се водат војни за литиумот.

Тој изјави дека Србија има можност да произведува 58.000 тони литиум карбонат годишно и дека суштинската битка е дали може да обезбеди да се произведуваат батерии во Србија, како и да дојдат нови производители на електрични автомобили.

-Без производството на батерии кај нас, немаше да влеземе во проектот со литиум, а тогаш ќе имавме три милијарди евра на годишно ниво нова вредност, а веќе почнавме дополнително да разговараме и за електричните автомобили, што би значело уште 20 милијарди евра.

Тој рече дека, додека Германците не гарантираат дека реките и планините ќе бидат чисти и дека депонирањето на депонијата ќе биде во согласност со највисоките европски стандарди, „ниту ќе се обидеме, ниту ќе започнеме ништо“ во врска со литиумот.

Тој истакна дека сè може да се прекине до 2028 година „доколку, ако прифатиме сè, можеби ќе можеме да отвориме рудник“.

Вучиќ ја повтори изјава дека стопирањето на проектот „Јадар“ пред две години е дело на некои западни безбедносни служби, се со цел да се забави развојот на Србија.

-Тоа беше вистинска шаховска минијатура на одредени западни служби да се запре забрзаниот развој на Србија. Шаховска минијатура во која не победија, ни одземаа две години додека не реализираа дел од нивните интереси, изјави Вучиќ и додаде дека не треба повеќе да се губи време.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2024 05:20