Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, денеска изјави дека на средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ со претставниците на Западен Балкан во Луксембург, истакнал дека еден од апсолутните приоритети за новата Влада на Србија е спроведувањето на реформска агенда до 2027 година и нагласи дека ЕУ може многу да добие од членството на Србија во тој блок, јави дописникот на МИА од Белград.

Ѓуриќ на новинарите во Луксембург им кажа дека денеска е „многу значаен ден за Србија кога станува збор за евроинтеграциите“, бидејќи е поканета да присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ и претставниците на Западен Балкан.

-Разговаравме како да се забрза и да се даде нов поттик на европската интеграција на Србија. Мојата порака овде беше многу јасна. За новата влада на Србија, спроведувањето на реформската агенда до 2027 година е еден од апсолутните приоритети и сакаме дотогаш да бидеме целосно подготвени, што се однесува до нас, не само кога станува збор за нашата економија, туку и кога станува збор за владеењето на правото, демократијата и сите други аспекти кои се важни за нашето полноправно членство, рече Ѓуриќ.

Истовремено, додаде тој, неговата порака е дека ЕУ има многу да добие од членството на Србија и другите партнери од Западен Балкан, како кога станува збор за човечкиот капитал, така и кога станува збор за традицијата, културата, знаењето, безбедност, енергетската безбедност и многу други работи.

-Испратив и порака дека дотогаш верувам дека граѓаните на Србија имаат право и треба да добијат пристап до фондовите на ЕУ бидејќи научниците, студентите и земјоделците во Србија не треба да имаат статус од втор ред во споредба со земјоделците, научниците и студентите во која било друга земја. Не нè интересира само да бидеме секундарен пазар или нешто слично, туку сакаме полноправно столче и рамноправно место на масата, нагласи Ѓуриќ и додаде дека Србија сака да биде рамноправен дел од европското семејство како и сите други.

Кога станува збор за заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП), Ѓуриќ рече дека со членството во ЕУ, Србија ќе има ЗНБП со ЕУ, кога, нагласи, ќе биде во позиција и да влијае на таа политика.

-Дотогаш сакаме да го подигнеме нивото на нашата усогласеност со ЗСБП, но бараме и помош за решавање на прашањата од минатото за кои не се одговорни сегашните генерации во Србија, а кои не можат да се решат на фер начин без целосна вклученост на меѓународната заедница, рече Ѓуриќ.

-Во тој контекст, говорев за кршењето на колективните права на Србите на Косово, но и за потребата од спроведување на Бриселскиот договор на построг и поагресивен начин.

На прашањето да ја коментира изјавата на шефот на европската дипломатија, Петер Сијарто, дека постои можност за отворање на едно или две поглавја во пристапните преговори со Србија за време на унгарското претседавање со ЕУ, Ѓуриќ рече дека Србија многу се радува на унгарското претседателство со Советот на ЕУ и верува дека тоа може да даде нов поттик за европската интеграција на целиот регион и нивната искрена желба ЕУ да се прошири во регионот на Западен Балкан.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2024 05:23