Агенцијата за лекови и медицински помагала на Србија (АЛИМС) излезе со соопштение дека се повлечени од оптек серија лекови Рудакол кои се користат за лекување на симптоми на иритабилни црева, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што наведуваат, за ова биле информирани од претставништвото на компанијата, која е носител на лиценцата за лекот во Србија.

Во известувањето се наведува дека претставништвото на компанијата доброволно ја повлекува од промет серијата лек Рудакол, капсула со продолжено ослободување, 30X200 mg.

-Лекот се повлекува од превентивни причини. Наведената серија се повлекува поради неисправност во квалитетот на лекот. Не се идентификувани потенцијални безбедносни ризици поврзани со таа неисправност, се наведува во соопштението.

Датумот на истекување на серијата на лекот што се повлекува е април 2025 година, а првата дистрибуција беше на 26 јули 2022 година.

Како што е наведено во упатствата за лекот, Рудакол се користи за лекување на симптоми на синдром на нервозни црева (SIC) и слични проблеми.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2024 18:42