По вчерашната најава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека ќе отвори дијалог за ископување на литиумот, каде ќе доминираат аргументите наведувајќи дека сака одлуката за тој проект да ја донесат граѓаните на Србија, се огласи Иницијативата ПроГлас која е против реализација на проектот Јадар за литиумот додека во Србија не се воспостават услови за вистински општествен дијалог, реагираше опозицијата, а најавен е и протест на 28 јуни во Горње Недељице во Јадар, јави дописникот на МИА од Белград.

- По повод сериозните јавни полемики за проектот за рудникот Јадар, ПроГлас изјавува дека еден од важните предуслови за успешна реализација на големи рударски проекти е постоењето доверба во државните институции одговорни за нормирање на стандардите за безбедност на животната средина, контрола на нивното исполнување и процена на економските придобивки, се вели во соопштението на ПроГлас.

Во него се додава дека натамошното продолжување на имплементацијата на проектот на рудникот Јадар во сегашните услови би довело до продлабочување на поделбите во општеството и до сериозна политичка и социјална криза.

- Нетранспарентниот проект, проследен со отворено лобирање од различни домашни и меѓународни адреси, како и апсолутното противење на населението од областа Јадар, поттикнува страв и недоверба. Бидејќи експлоатацијата и преработката на литиум со сегашната состојба на технологијата може да има сериозни еколошки последици, ПроГлас смета дека е неопходна детална експертска дискусија која би била претставена на јавноста на целосен и непристрасен начин во услови на демократско општество и слободни медиуми.

Најавен е и протест на 28 јуни на празникот Видовдан во Горње Недељице. Организаторите го нарекоа „Свелитиумски собор“, а по тој повод десетина млади активисти тргнаа пеш од Белград до селото во околина на Лозница за да се приклучат на протестот. Ним им се придружи лидерот на Движењето Тргни-промени Саво Манојловиќ, како и млади од Нови Сад.

Новата демократска партија на Србија (Нова ДСС) најави дека ќе учествува на протестот против ископувањето литиум во Србија и ги повика граѓаните „да се приклучат на борбата“.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2024 18:45