Албанскиот специјален апелациски суд денеска ја потврди двегодишната затворска казна на избран градоначалник од грчкото малцинство во земјата, што се очекува дополнително да ги влоши тензиите со соседна Грција.
Судот одби да ја поништи пресудата на судечкиот суд во март против Фреди Белери (51), кој беше затворен поради обвинение за купување гласови на минатогодишните општински избори.
Белери, кој има двојно државјанство, освои место во Европскиот парламент, претставувајќи ја владејачката конзервативна партија Нова демократија, на изборите за ЕУ претходно овој месец.
Тој на ланските локални избори, одржани на 14 мај, беше реизбран за градоначалник на Химара, 240 километри јужно од главниот град Тирана. Два дена пред изборите, тој беше уапсен под обвинение дека понудил 40.000 албански леки (360 евра во тоа време) за да купи осум гласови.
Белери никогаш не положи заклетва бидејќи беше уапсен, а подоцна осуден на две години затвор.
Ги отфрли обвиненијата, а Атина го опиша неговото притворање како политички мотивирано. Грција ја повика албанската влада да го запре судењето на Белери, велејќи дека случајот може негативно да влијае на кандидатурата на Албанија за пристапување во Европската унија. Албанија, земја кандидат, е во процес на преговори за полноправно членство.
Албанската влада рече дека не може да стори ништо додека случајот е на суд.
На судската сеанса присуствувала и грчката амбасадорка во Тирана, Константина Камици. Таа на излезот од Специјалниот апелациски суд против организиран криминал и корупција изјави дека е повредена презумпцијата на невиност.
-За жал, многу аспекти на овој случај отвораат прашања во однос на објективноста на процесот, како што се повредата на презумпцијата на невиност, продолжениот притвор, несразмерната казна, како и ускратувањето на правото на заклетва како градоначалник, рекла амбасадорката.
Додала дека предности за Грција секогаш остануваат почитувањето на владеењето на правото, демократските процеси и заштитата на правата на малцинствата, кои се основните принципи на ЕУ.
- Господинот Белери и официјално е избран за пратеник во Европскиот парламент. Демократско барање е европратениците да имаат можност да се појават во работата на ЕП, почнувајќи од првата сесија во јули, посочила амбасадорката Камици.