Три години по убиството на грчкиот новинар Јоргос Карајваз кој беше застрелан пред неговиот дом и една година откако беа уапсени две лица, денеска во мешовитиот поротен суд во Атина започнува судскиот процес, јави дописничката на МИА од Атина.

На крајот на април минатата година, грчката полиција уапси две лица, двајца браќа, кои сега се на возраст од 41 и 49 години и се товарат за убиство со намера, дело кое, според судските органи, било нарачано од засега непознати нарачатели.

Според грчките медиуми, обвинетите кои се во притвор, негираат каква било вмешаност во убиството на новинарот и ги отфрлаат обвиненијата.

На 9 април 2021 година, кусо пред 15 часот по завршувањето на емисијата во која беше соработник Карајваз, непознати лица со мотор го пресретнале 52-годишниот новинар и го застрелаа пред неговиот дом во јужниот дел на Атина.

Карајваз беше познат и искусен новинар, кој долги години следеше црна хроника и покриваше теми поврзани со полицијата, криминалот, грчката мафија, за истите теми имаше информативен портал, а паралелно работеше во претпладневна информативна емисија на телевизијата „Стар“.

Здружението на грчките новинари (ЕСИЕА), 2023 година ја посвети на Карајваз, а лани, на годишнината од убиството, пред зградата беа поставени банери со фотографијата и пораката „20 куршуми ја убиваат демократијата“.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2024 16:04