Во рамки на еднодневната работна посета на Брисел, претседателот Вучиќ одделно се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји и со генералниот директор на Директоратот за соседство и проширување на Европската комисија Герт Јан Копман, јави дописникот на МИА од Белград.

- Успеав да разговарам за сите важни прашања со Шарл Мишел и односите меѓу Србија и Европска Унија, нашиот европски пат, за агендата за раст, единствениот пазар, но и за сето она што се случува во светот, Украина и Русија, како и за она што Мишел го очекува како некакви стратешки реформи во самата ЕУ, за да можеме подобро да ја оцениме нашата позиција, како да се приспособиме на тоа и да извлечеме максимум за нашата земја, истакна Вучиќ, додавајќи дека „верува да пред крајот на годината Србија ќе ги има првите транши од парите од Агендата за раст“.

Тој истакна и дека не очекува ништо од разговорот со премиерот на Косово, Албин Курти.

- Не очекувам ништо од средбата со Курти. Очекувам да драматизира и да вика додека не му кажам да престане, како и обично. Пак ќе каже за мене „малиот Путин“, што и да зборувам и правам, рече Вучиќ.

Тој изјави дека внимателно ќе ги слуша Жозеп Борел и Мирослав Лајчак и истакна дека работат во тешки околности.

- Имаат некој кој многу ги мрази Србите и живее за да им наштети на Србите, ние ќе се бориме за интересот на нашиот народ во Косово и ќе укажеме на тешката положба на нашиот народ, рече Вучиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање, српскиот претседател „ја поздрави кинеската иницијатива за прекин на конфликтот во Украина“.

- Западот мора да се бори жестоко до крај, но не сакаат да се стават во кожата на Путин, бидејќи ако тој ја загуби војната, нема да ја има повеќе Русија каква што ја знаеме. Кога имате две страни, од кои ниту една не може да биде поразена, војната ќе ескалира, кажа Вучиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2024 18:53