Белград и Приштина мора да се заложат за решавање на проблемот во рамките на дијалогот предводен од ЕУ, порача американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан. Тој наведе дека неспроведувањето на претходните договори е изгубена можност за двете страни, јави дописникот на МИА од Белград.
Џејмс О'Брајан рече дека Белград и Приштина мора да се посветат на решавање на проблемот под покровителство на ЕУ.
Осврнувајќи се на извештајот на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, О'Брајан рече дека двете страни мора повторно да се обврзат да бараат можности во рамките на дијалогот предводен од ЕУ.
-Средбите на Борел со (српскиот претседател) Александар Вучиќ и (премиерот на Косово) Албин Курти нагласуваат дека страните мора повторно да се посветат на решавање на проблемите и барање можности во рамките на дијалогот што го води ЕУ. Неспроведувањето на претходните договори е навистина изгубена можност за двете страни, напиша О'Брајан на Х.
Претседателот на Србија во средата се сретна со Борел и со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, при што оцени дека разговорот бил многу успешен.
-Разговаравме за се, за спроведување на различни договори, за се што имавме во дијалогот, за се што досега разговаравме, за ситуацијата на Косово. Разговаравме за се, рече Вучиќ.
Што се однесува до дијалогот, тој најави дека главните преговарачи ќе продолжат во вторник или среда, посочувајќи дека Курти не сакал или не смеел да се сретне со него во Брисел.
Борел потоа рече дека Приштина не е подготвена за трилатерална средба и дека поставила три услови за тоа да се случи, а од друга страна Србија е подготвена за средба.
Тој рече дека Курти побарал „формализација на основниот договор, да се отфрли писмото во кое поранешната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, кон средината на декември минатата година изрази резервираност која се однесува на обврските кои произлегуваат од договорот за патот кон нормализација на односите со Република Косово, вклучително и на анексот за неговото спроведување и испорачување на Милан Радоичиќ на правосудните органи во Приштина“.