Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари работна средба со министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска и со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, на која беше финализирана конструкцијата на проектот за зголемување на пензиите, соопшти владината прес-служба,

Со овој проект, како што се подвелекува, повеќе од 300 илјади македонски пензионери ќе добијат повисоки пензии почнувајќи од оваа година.

- Ваквото изборно ветување кое доби своја конечна форма ќе биде разгледано на првата седница на Владата. Новата Влада останува посветена на исполнувањето на своите ветувања и продолжува да работи со посветеност за добробит на сите граѓани, се вели во владиното соопштение.

Премиерот Мицкоски на Фејсбук објави дека станува збор за изборно ветување кон пензионерите.

- Дадениот збор е светост, обврска и одговорност. Државата мора да се грижи за највозрасните. Во соработка со министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за социјална политика демографија и млади Фатмир Лимани, посветено работиме на итно изнаоѓање на решение кое ќе донесе повисоки пензии за над 300 илјади пензионери.

Oва исклучително важно решение кое го ветивме на изборите ќе се дискутира на седница на Владата и со тоа ја покажуваме нашата посветеност да испорачуваме резултати и да работиме посветено и за сите, напиша Мицкоски на ФБ.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2024 03:27