Амбасадорот на Израел во Србија Јахел Вилан денеска изјави дека нема оправдување за терористичкиот акт што се случи вчера во Белград, како и за какви било други напади, врз кое било население во кое било време и каде било во светот, јави дописникот на МИА од Белград.

По посетата на Ургентниот центар, заедно со потпретседателот на Владата на Србија и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, на повредениот припадник на жандармеријата Милош Јевремовиќ кој вчера беше застрелан во вратот пред Амбасадата на Израел во Белград, Вилан рече дека многу добро знае и разбира какви закани доаѓаат од тероризмот.

Тој истакна дека за него е исклучително важно да го посети повредениот жандарм и да изрази искрена благодарност во негово име, неговото семејство, вработените во амбасадата, како и Владата на Израел и народот на Израел, бидејќи како што додаде, сите тие многу добро знаат што значи тероризам.

Тој им се заблагодари на Владата на Србија, Министерството за внатрешни работи и полицијата што го обезбедуваат животот на сите граѓани и овозможуваат да се чувствуваат безбедно и сигурно 24 часа на ден, седум дена во неделата.

-Јас барем така се чувствувам четирите години колку што сум овде во секое време од денот или ноќта, нагласи Вилан и додаде дека и тоа ја потврдува храброста на жандарот Милош Јевремовиќ.

Тој ги покани сите Израелци да дојдат и да продолжат да ја посетуваат Србија, бидејќи, како што истакна, според него, Србија денес е најбезбедна земја.

Вчера шефот на израелската дипломатија Израел Кац се заблагодари на Владата на Србија за брзата реакција на „обидот за терористички акт“ врз израелската амбасада во Белград.

-Сакам да се заблагодарам на Владата на Србија и на оние кои беа вклучени во брзата реакција, за поддршката и соработката во врска со обидот за терористички напад врз израелската амбасада во Белград, при кој беше повреден српски жандар од терорист. На повредениот жандар му посакувам брзо закрепнување. Тероризмот не може да се толерира, напиша Кац на социјалната мрежа Х



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2024 17:22