Денеска (04.07.2024) министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, оствари работна средба со амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Н.Е. Дејвид Гир.

Министерот Тошковски на средбата ја изрази својата благодарност за поддршката и соработката за време на техничката влада и за континуираната поддршка што нашата земја, но и МВР, ја добиваат во насока на реформирање и модернизација на институциите.

Министерот Тошковски изрази уверување дека соработката и поддршката од ЕУ во следниот период само ќе се зголемуваат, конкретно и во областа на безбедноста. На средбата министерот ги претстави главните приоритети на министерството, во кои ќе биде потребна експертизата на ЕУ во постигнување на европските стандарди, со крајна цел што поскоро да станеме дел од големото европско семејство.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев ја потенцираше тековната соработка на БЈБ во рамки на постојните проекти и искористувањето на фондовите од ЕУ, ги појасни планираните реформи на БЈБ и потенцираше дека во фокус ќе бидат и евентуални злоупотреби на европски пари во државата, за што ќе се спроведат и соодветни истраги.

Амбасадорот Дејвид Гир ги истакна тековните проекти и поддршката што ја имаме од страна на ЕУ во делот на јакнење на капацитетите на МВР, особено во делот на илегалната миграција, борбата со организираниот криминал и ги посочи предизвиците во кои треба се фокусираме во иднина во насока на доближување на европските стандарди. Гир ја даде својата поддршка во реформските процеси и ја потенцираше и можноста за поддршка од системот на ЕУ за справување со евентуални шумски пожари во летниот период.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2024 14:08