Морето и речиси совршената плажа во градот Фукуцу, во префектурата Фукуока на југозападот на Јапонија изгледа како кристално чисто огледало, коешто се протега три километри долж брегот.

- Секое утро кога доаѓам на работа, гледам во океанот. Ако океанот има убава сина боја, тогаш се чувствувам среќна, а ако брановите се груби, чувствувам возбуда во моето срце. Ние мештаните сме многу горди на морето, тоа е како дел од нашето семејство, изјави тамошната жителка Руми Накамура за „Би-би-си“.

Кога времето е убаво, се вели, може да се види прекрасниот отсјај на небото во водата - и тоа предизвикува чувство како да се наоѓате „на работ на Земјата“.

Областа Фукуцу веќе одамна се здоби со национална слава поради пејзажите и прекрасното зајдисонце над храмот „Мијаџидаке“, што во февруари и октомври создава совршена линија на „патеката“ на сончевата светлина што го поврзува морето со небото. Во 2021 година Накамура и туристичкиот одбор почнаа да ја промовираат областа на нови начини.

- Кога луѓето не можат да одат на преполните затворени места, тие можат да дојдат на широко отворената плажа без да мораат да разговараат или да се зближуваат со другите, и да се фотографираат. Гледањето во морето ќе им даде енергија за следниот ден, додаде Накамура.

Па, така, туристите дојдоа.

Сепак, во денешнината, каков што е случајот и со многу други места на нашата планета, и за Фукуцу се појави загриженост кај околните жители и кај властите, околу можниот „прекумерен туризам“ којшто, меѓу другото, може да влијае и на тамошните желки кои си живеат покрај морето. Властите засега препорачуваат посетителите да се воздржат од посета на брегот ноќе, да се биде тивок за да не се исплашат желките, а особено да се внимава во сезоната на парење, којашто обично трае од јуни до август.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2024 05:58