Комисијата за финансирање и буџет денеска ја продолжи седницата за ребалансот на Буџетот со два часа задоцнување. Претседателката на Комисијата Сања Лукаревска пред почетокот на седницата се извини за доцнењето, образложувајќи дека причина за тоа била потребата од запазување на процедурите.

Прва за збор во рамки на денешната расправа е пратеничката од СДСМ Јованка Тренчевска која во однос на ребалансот укажа дека загрижува продлабочувањето на буџетскиот дефицит. Таа во овој контекст цитираше економски експерти според кои „државата се носи кон должничко ропство“.

- Јавниот долг до крајот на годината ќе достигне 68 отсто од БДП. Таков раст државата имала само еднаш, за време на пандемијата, но тогаш се знаеше зашто се земаат тие пари, за да им се помогне на компаниите, а сега не се знае зошто, истакна Тренчевска, повикувајќи се на експерите.

Таа се осврна и на вчерашното експозе на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со констатација дека со изнесените податоци, Владата сама се демантира кога вели дека состојбата на економијата е во клиничка смрт.

- Нема пари за повисоки плати, кратите и од лицата со попреченост, потенцира Тренчевска која моментно зборува и за заемот од Унгарија.

Општата расправа за Ребалансот на буџетот трае најмногу три дена, а амандманската за која се поднесени 58 амадмани, шест дена. Вчера, на првиот ден од расправата, министерката Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот, нагласувајќи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за се што треба да се исплати согласно закон.

Вкупните приходи во Ребалансот на буџетот се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2024 13:38