Менаџерот на Челси, Енцо Мареска, верува дека има само една значајна разлика помеѓу „сините“ и врвните тимови во Премиер лигата и таа е вкоренета во должината на времето кога предметните тимови работеле со нивните менаџери. Во оваа смисла, Италијанецот е сигурен дека со секој изминат натпревар, тимот ќе игра подобро и ќе се доближува до големите претенденти.

Мареска изрази надеж дека Челси ќе донесе уште нови играчи и покрај тоа што клубот веќе направи 10 влезни трансфери ова лето. Италијанецот, сепак, продолжува да чека нов напаѓач, а Жоао Феликс и Виктор Осимен се поврзуваат со трансфер во Лондон.

-Не е коректно да се зборува за играчи на Наполи или Атлетико. Клубот многу добро знае што ми треба и се надевам дека ќе донесеме уште нови играчи пред да се затвори прозорецот, изјави Мареска.

Италијанецот го прокоментира и првиот дуел против шампионот Манчестер сити, откако е на мислење дека тоа ќе биде „тежок натпревар, но возбудлив“.

-Тоа е почеток на Премиер лигата, и тоа против шампионот. Ајде да видиме што ќе се случи. Секогаш е добра можност да се покажеме против шампионот. Исто така, Сити е тим кој работеше со еден менаџер во последните осум или девет години, што е огромна предност. Мојот став е дека големата разлика меѓу нас и другите тимови кои доминираат во англискиот фудбал е само прашање на време со истиот менаџер. Овде работиме само еден месец. Со текот на времето, сигурно ќе ја намалиме разликата и се надеваме дека тоа ќе се случи многу брзо, изјави Мареска



Автор: Администратор
Објавено на: 17/08/2024 04:12