Американската воздухопловно-вселенска компанија „Блу ориџин“ (Blue Origin) го објави првиот датум на лансирање на својата ракета „Њу Глен“ што ќе се користи за мисијата на НАСА, насловена „Ескапејд Марс“ („Истражувачка авантура Марс“).
Така, „Њу Глен“ ќе полета најрано на 13 октомври, а во Вселената ќе носи две сонди произведени од „Рокет лаб“ (Rocket Lab) за НАСА. Овие сонди ќе се користат за проучување на влијанијата на сончевиот ветер врз атмосферата на Марс. Тоа всушност ќе биде првиот лет на ракетата по долгогодишно одложување поради нејзиниот развој. Наредниов тн. „временски прозорец на лансирање“, кога полетувањето е научно изводливо поради планетраните порамнувања, почнува на 29 септември годинава и трае до средината на октомври.
Лансирањето ќе се изврши од „Вселенскиот комплекс 36“ (Space Launch Complex 36) во склоп на станицата Кејп Канаверал на Флорида (САД). Леталото пристигна на Флорида на 19 август, а во тек се подготовките за интеграција со ракетата.
Инаку, компанијата „Блу ориџин“, според познавачи, е под притисок да ги направи сите подготовки навреме. Неодамна имаше проблеми во погонот за развој на „Њу Глен“, што значеше оштетување на хардверот за вториот и третиот лет на ракетата. Сепак, компанијата потоа соопшти дека сè се одвива според планот за првото лансирање оваа година