Преку субвенции на авиодестинации Владата ќе го зголемува бројот на патници од аеродромите во државава, со што се напушта досегашниот начин на финансиска поддршка која се доделуваше на авиокомпании. Се очекува следната година бројот на патници да се зголеми најмалку за 200 илјади.

Владата вчера усвои сет мерки за зголемување на бројот на патници и најави нова програма од 1 јануари, следната година до 31 декември 2027 година со која ќе одвои 125 милиони денари годишно или вкупно 375 милиони денари за поддршка на авиосообраќајот, за еден милион евра повеќе од досега планираното. Се зголемува поддршката од седум евра по превезен патник од скопскиот аеродром на девет евра, а на охридскиот аеродром наместо 4,5 евра како досега ќе се доделуваат 12 евра по превезен патник.

Министерот за транспорт Александар Николовски најави дека идниот повик за субвенционирање ќе биде објавен следната недела и ќе биде отворен за сите авиокомпании кои ги исполнуваат условите за секоја засебна дестинација.

На овој начин, според него, се решава проблемот со зависност од една авиокомпанија, а токму тоа е, како што рече, причината за намалувањето на патници од Скопскиот и Охридскиот аеродром од над 330 илјади патници годинава заради проблемот што го има „Визер“ со сопствените авиони што на ниеден начин не е поврзан со состојбата во земјава.

-За да се избегне во иднина зависност од само една авиокомпанија воведуваме субвенции по дестинации. Правиме уште една значајна промена. Досега се субвенционираше по патник на заминување од Македонија, а сега ќе се субвенционира на доаѓање зашто целта ни е во Македонија да носиме туристи и да им овозможуваме на полесен, побрз и поевтин начин да дојдат, рече Николоски на прес-конференција.

Променетите услови за авиокомпаниите кои би учествувале во авиосообраќајот предвидуваат тие да имаат превезено најмалку пет милиони патници и најмалку 10 милиони евра профит во 2023 година. Во новата програма се трга и барањето за задолжително оперирање на дестинацијата по истекот на периодот за поддршка за онолку време колку што била предвидена финансиска поддршка, што, спорд Николоски, е главната причина зошто се намалуваше бројот на патници од Охридскиот и од Скопскиот аеродром.

Новите дестинации може да бидат и надвор од Европската Унија. На овој начин се очекува да бидат привлечени патници и туристи од Блискиот и од Далечниот исток и од други дестинации.

Според Министерството за транспорт, земјава од лидер во регионот во воздушниот сообраќај пред 15-тина година, сега се соочува со намалување на бројот на летови, на бројот на дестинации и на бројот на патници. Тоа, вели министерит Николоски, се должи на бројни фактори за кои треба да се наоѓаат решенија во следниот период.

Финансиска поддршка во авиосообраќајот се доделува од 2012 година од кога беа склучени три последователни тригодишни договори со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Виз Ер“. По основ на финансиска поддршка на „Виз Ер“ во 2012 година му се исплатени 25,6 милиони денари, во 2013 година 75,4 милиони, а 135 милиони денари во 2014 година. Во 2015. се исплатени 40 милиони, во 2016 и 2017 по околу 104 милиони денари, во 2018 година износот е 43,8 милиони, во 2019 година 66,5 милиони. Во 2020 износот на исплатени средства за субвенционирани летови е 21 милион денари, во 2021 година 10,4 милиони, а во 2022 година не се исплатени средства. Договорот беше суспендиран во периодот додека траеше короната, поради што во 2020 и 2021 се исплаќаа средства за остварени приходи од 2019 година.

Последниот од трите договори со „Виз Ер“ заврши на 1 март 2022 година, по што претходната Влада го промени моделот за финансиската поддршка отворајќи можност да се склучи договор со повеќе авиокомпамнии. По првиот неуспешен повик беше објавен нов повик и на 13 април минатата година склучи договори со „Луфтханза“ за нова авиолинија од Скопје до Франкфурт и со „Виз Ер“ за летови од Скопје до Луксембург, Штутграт, Салцубург и Љубљана. Финансиската поддршка изнесуваше седум евра во денарска противвредност по патник во заминување.

Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, со кои управува ТАВ Македонија во 2023 година забележаа 33 проценти пораст во патничкиот сообраќај, споредено со 2022 година, додека споредено со истиот период во 2019 година, порастот е 18 проценти.

Од ТАВ Аеродроми на почетокот на годината соопштија дека Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, ја завршиле 2023 година со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај, со што достигнале приближно 3,15 милиони патници или вкупно 3 149 274 патници и биле опслужени 23.949 летови.

Статистиката за јануари и февруари годинава за двата аеродрома во државава, според аеродромскиот оператор, покажува зголемување на патничкиот авиосообраќај или 243 244 патници во јануари и 189 434 патници во февруари. Претворено во проценти, тоа претставува зголемување од 47 проценти и 31 процент во однос на јануари и февруари во минатата година, односно вкупно 432 678 патници и пораст од 40 проценти.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2024 16:09