Цените на туристичките аранжмани во Македонија во јули се зголемени повеќе отколку во речиси сите европски земји. Додека просечното зголемување на цената на пакет аранжманите во јули во Европската унија (ЕУ) изнесуваше 6,6 отсто, според Евростат, во Македонија цената на туристичките пакети се зголеми за дури 16,5 отсто, јави дописникот на МИА од Белград.
Во споредба со земјите од регионот, високо зголемување на пакет аранжманите имаше и Србија каде аранжманите за туристите во јули поскапеле за 15,2 отсто, покажуваат податоците на Евростат, соопшти Bloomberg Adria.
Аранжманите во Хрватска во јули се повисоки за девет отсто во однос на истиот период лани, во Словенија за 6,7 отсто, во Албанија за 1,4 отсто, додека туристичките аранжмани во Црна Гора се пониски за еден отсто.
Најголемо поскапување на туристичките аранжмани имало во Турција, каде што цените пораснале за дури 49,5 отсто. Следува Франција, каде услугите за туристите се повисоки за 22,2 отсто. Повисоките цени во Франција може да се препишат на одржувањето на Летните олимписки игри, со оглед на тоа што Париз заедно со уште неколку градови беше домаќин на оваа светска спортска манифестација од 26 јули до 11 август.
Потоа, повисоки цени на аранжманите за туристи се забележани во Италија (19,5 отсто), Кипар (16,7), а веднаш зад овие земји се Северна Македонија и Србија.
Земјите каде што цените на аранжманите паднаа во јули се Данска (0,2 отсто), Црна Гора (1 отсто), Финска (2,7 отсто), Малта (2,9 отсто) и Норвешка (3,9 отсто).
Во ЕУ цената на пакет аранжманите во јули е повисока за 6,6 отсто. Цената на домашните аранжмани е зголемена за 11,1 отсто, а на меѓународните за 5,7 отсто