Шефовите на ЦИА и британската тајна разузнавачка служба (МИ6), Вилијам Брнс и Ричард Мор, истакнаа дека сега е поважно од кога било „да се одржи курсот“ кога станува збор за поддршката на Украина, ветувајќи дека ќе продолжи соработката на ова поле.
Тие ова го изјавија во заедничка статија за Фајненшл тајмс.
- Партнерството лежи во срцето на посебниот однос меѓу нашите земји, напишаа тие, истакнувајќи дека нивните агенции прославија 75 години партнерство пред две години.
Брнс и Мор истакнаа дека американските и британските шпионски агенции „стојат заедно во отпорот на агресивната војна на Русија и (рускиот претседател Владимир) Путин против Украина“.
- Одржувањето на курсот (во Украина) е поважно од кога било. Путин нема да успее да ги уништи суверенитетот и независноста на Украина, порачаа тие.
Тие, исто така, истакнаа дека нивните агенции ќе продолжат да им помагаат на украинската разузнавачка служба, како и да работат на спречување „непромислена кампања на саботажа низ Европа од страна на руската разузнавачка служба“ и нејзината „цинична употреба на технологија“ за ширење дезинформации.
Брнс и Мор истакнаа дека ги реорганизирале своите разузнавачки агенции за да се приспособат на подемот на Кина, која ја нарекоа „голем разузнавачки и геополитички предизвик на 21 век“.
Тие рекоа дека агенциите „ги користеле разузнавачките канали за да поттикнат деескалација“ на Блискиот исток и работат на прекин на огнот во Газа што може да стави крај на „ужасната загуба на животите на палестинските цивили“.
Брнс е и главниот американски преговарач во преговорите за постигнување мировен договор во Појасот Газа