Во вториот квартал од годинава, Бруто домашниот производ (БДП) се зголеми за 2,3 проценти на годишна основа, забрзувајќи во однос на претходните квартали, оценува Фајнанс тинк (Finance Think) во Макроекономскиот монитор за септември 2024 година. Тоа, како што велат, е во линија со очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор.

- Сепак, забрзувањето е резултат на забавениот пад на извозот од -2,9 проценти, и повторното интензивирање на падот на увозот од -4,5 проценти, како и на растот на јавната потрошувачка од 3,5 проценти. Последното, пак, се поврзува со значајното продлабочување на буџетскиот дефицит од 5,8 проценти за првото полугодие од годината, наспроти првичната годишна проекција од 3,6 проценти, посочуваат од Фајнанс тинк.

Бруто инвестициите забележуваат благ пад од -1,7 проценти, додека приватната потрошувачка расте со благо забавена динамика од 1,3 проценти. На производната страна, како и претходно, растот на БДП произлегува главно од растот на услугите од 3,6 проценти, иако во овој квартал позитивни движења бележат градежништвото од 5,1 процент и преработувачката индустрија од 0,7 проценти, по падовите во претходните квартали.

- Невработеноста во вториот квартал од 2024 година понатамошно се намали на 12,5 проценти. За првпат по повеќе квартали, пазарот на труд манифестира помала воздржаност од претходно, имајќи предвид дека се креирани близу 4.500 нови работни места, а активноста на населението се задржа како претходно 52,1 проценти. Сепак, забележливо е дека најголем дел од работните места се создадени во земјоделството и индустријата, додека главните услужни дејности, како трговијата, забележаа намалување на бројот на работни места, и покрај растот на создадената вредност, оценуваат од Фајнанс тинк.

Во вториот квартал од годинава, додаваат од Фајнанс тинк, инфлацијата благо забрза на 3,9 проценти од претходните 3,4 проценти на годишна основа.

-Иако овие движења кај цените се во линија со очекувањата за целата 2024 година, преостанатите пренесени ефекти врз цените, потенцијалните варијации кај одредени групи производи, притисокот што доаѓа од стабилниот пазар на труд и растот на платите од 13,3 проценти, како и од потезите на фискалната политика, укажуваат на потребата од понатамошна претпазливост, посочуваат од Фајнанс тинк.

Нагласуваат дека се очекува да продолжи благата позитивна динамика на економијата оваа година.

- Изгледите во поглед на инфлацијата остануваат релативно поволни, но зависат од се уште присутни критични фактори. Finance Think ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2,7 проценти и за раст на цените од 3,8 проценти, порачуваат од Фајнанс тинк.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2024 20:47