Претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца изјави дека Косово отсекогаш било дискриминирано и не било третирано како рамноправна страна од страна на меѓународната заедница во процесот на дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во неговото обраќање пред новинарите по неговата денешна средба со претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, Коњуфца изјави дека дискриминацијата постои од 2011 година, кога започна преговарачкиот процес меѓу Приштина и Белград со посредство на Европската унија.
„Сé што беше содржано во преговарачкиот процес, од кога тој почна во 2011 година до Охридскиот договор (во март 2023 година), кој беше последен договор во овој процес, реакциите, ставовите и позициите на ЕУ и меѓународните институции во врска со она што го потпишавме во однос на Косово и Србија, е нерамноправно. Тоа се двојни стандарди и ова секогаш ќе го кажам гласно. Косово е дискриминирано, доживува неправда во овој процес“, изјави Коњуфца.
Собранискиот спикер додаде дека врз Косово се врши притисок да ги спроведе договорите, но „се исклучува кога се обидува да го стори тоа“.
„Косово е под притисок и исклучувањето може да дојде поради неспроведување на договорот. Она што го прави Косово е дека ќе реализира содржина која е договорена. Тоа е отворањето на мостот (на реката Ибар). Претходните преговарачи го направија мостот дел од преговорите, а страните се договорија мостот да биде отворен. Кога Косово сака да го спроведе договорот, мостот не треба да се отвора, велат факторите. А фактот што не можеме да ја спроведеме Заедницата (на општини со српско мнозинство), за ова Косово заслужува да биде исклучено. Тоа се двојни стандарди. Косово не се третира подеднакво. Србија поинаку, Косово поинаку“, рече Коњуфца