Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска го прими шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Жиофре, со кого разговараше за ситуацијата на Косово и во таа прилика ги повика ЕУ и земјите членки итно и преку конкретен ангажман да се спротивстават на самоволието на властите во Приштина, јави дописникот на МИА од Белград.

-Со амбасадорот Жиофре разговарав за ситуацијата на Косово и Метохија, за односите меѓу Србија и ЕУ, како и за чекорите што ги преземаме за да напредуваме на нашиот европски пат. Ги повикав ЕУ и земјите-членки итно и преку конкретен ангажман да се спротивстават на самоволието на Приштина, кое ја загрозува безбедноста на српскиот народ и стабилноста на целиот регион, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.

Тој изјави дека му се заблагодарува на амбасадорот за се што прави ЕУ, особено во делот на инвестициите, економската и социјалната интеграција и поддршката за реформите.

-Фокусот на разговорот беше реализацијата на проектите предвидени во Европскиот план за раст за Западен Балкан, кои треба многу да придонесат за зближување на регионот и ЕУ и за подобар живот на сите наши граѓани, додаде Вучиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2024 23:21