Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека предлогот од Министерството за економија дали ќе се замрзнат цените или ќе се ограничат маржите на дел од прехранбените производи можеби нема да се најде на утрешната владина седница доколку е потребно време за усогласување на засегнатите страни.

- Производителите, трговците и Владата ќе разговараат за да се најде најдобриот начин да им се помогне на граѓаните, но и да биде задоволна и другата страна во однос на намалувањето на цените на прехранбените продукти, рече Мицкоски.

Во изјава за медиумите дадена пред почетокот на состанокот со АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение, Мицкоски рече дека утрово разговарал со министерот за економија кој треба да го организира состанокот.

- Не мора да значи дека во текот на утрешниот ден на владина седница ќе биде предлогот, можеби една недела потоа, ако е потребно додека се усогласат ставовите. Не сакаме на сила ништо да правиме, стојам позади тоа што сум го кажал, но некогаш имате моменти кога гледате како поединци реагираат како монопол, дуопол и вие тогаш ќе мора да интервенирате офанзивно, ова како што ние го правиме. Онаму каде што навистина пазарната економија и пазарните практики ги диктираат цените, таму ние не интервенираме, но има услови кога ќе ги видите увозните цени и кога ќе видите како хируршки прецизно е поделен пазарот, тогаш не ви останува ништо друго освен да им помогнете на граѓаните, бидејќи не може некој непристојно да се богати на грбот на граѓаните. Во секој случај јас сум за тоа пазарната економија да ги диктира цените и да тоа го поддржувам и тука немам никаква дилема, но има за жал поединци кои ја злоупотребуваат оваа позиција и тука мораме ние како влада да интервенираме, рече Мицкоски.

Не мисли дека ваквата мерка е задоцнета.

- Доволно време е пред есента, воопшто не е доцна. Не би рекол дека ќе паднат цените за 20 проценти. Производителите и трговците друго кажуваат и кога ќе ги видите соопштенијата што доаѓаат од коморите и од различните структури, тогаш ќе се доведеме до една збунувачка ситуација. Утрово разговарав со претседателот на Стопанската комора и конечно побарав од нив став. Нека ни кажат, бидејќи добиваме различни писма, што да направиме дали како Влада да останеме на ставот за примена на Законот за нефер трговски пракси или да го одложиме, изјави Мицкоски



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2024 16:42