Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја прими и ја прифати оставка на европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, информира денеска заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста.
- Претседателката му се заблагодарува за неговата работа како комесар во текот на целиот мандат, особено за усвојувањето на Законот за дигитални услугите, Законот за дигиталните пазари и други важни дигитални и индустриски регулативи, изјави Подеста.
Таа одби да ја коментира содржината на писмото со оставката и обвинувањата на Бретон, посочувајќи дека тоа пристигнало утрово и дека се уште не е анализирано.
Европскиот комесар за внатрешен пазар и француски кандидат за член на идната Европска комисија, Тиери Бретон денеска упати писмо до Фон дер Лајен во кое ја информира дека поднесува оставка на функцијата и ја повлекува својата номинација за иден еврокомесар.
Во писмото, што го објави на Икс, Бретон ја обвинува Фон дер Лајен дека „го саботира“ и дека „создава неред“ за време на транзицијата кон новите институции на ЕУ, како и дека последните случување се „дополнително сведоштво за сомнителното раководење“ од нејзина страна. Тој тврди и дека Фон дер Лајен и понудила на Франција „повлијателен ресор“ во новата Еврокомисија, доколку Париз предложи друг кандидат место него.